Коронавирусот предизвика страв во Задар откако се дозна дека двајца тенисери, хрватскиот Борна Ќориќ и Бугаринот Григор Димитров и двајца тренери, на Ѓоковиќ и на и Димитров, се позитивни на коронавирусот.

Хрватскиот министер за полиција и началник на Националниот штаб Давор Божиновиќ одржа прес конференција на која изјави дека тестирањата продолжуваат и оти се отвораат телефонски линии на кои граѓаните можат да прашаат се што ги интересира.

– Секој што имал контакт со тенисерите треба да се изолира, епидемиолозите ќе контактираат со нив, рече тој.

На новинарско прашање, кој направил пропуст на тенискиот турнир во Задар, Божиновиќ рече дека згрешиле сите што не се придржувале до мерките за претпазливост.

– Ако луѓето не сакаат да се заразат, тие можат многу лесно да го постигнат тоа, да не се доведуваат во ситуации во кои е можно да се заразат, рече тој.

Иако претставници на хрватската Влада првично рекоа дека премиерот Андреј Пленковиќ ќе биде тестиран доколку е потребно, утрово потврдија дека Пленковиќ ќе се тестира денеска. Оваа потврда дошла откако веројатно откриле дека на коронавирусот се позитивни и Борна Ќориќ, тренерот на Ѓоковиќ и тренерот на Григор Димитров.

Од Владата велат дека Пленковиќ немал близок контакт со никого на турнирот, но тој бил во близок контакт со задарскиот жупан Божидар Лонгин. Се сретнал и со Ѓоковиќ, кусо и без ракување, чиј кондициски тренер има коронавирус.

Н1 од Штабот за цивилна заштита на Задарската жупанија дознава дека жупанот Лонгин и задарскиот градоначалник Бранко Дукиќ се во самоизолација.

Во меѓувреме, порталот Индекс.хр дознава дека според утринските податоци во Загреб денеска има осум лица позитивни на коронавирусот.

– Епидемиолозите имаат многу работа, тие се на терен. Досега имаме осум позитивни, изјавил претставник на здравствените власти во Загреб.

Тој инфрмирал дека меѓу заразените е и еден вработен во Домот на спортови.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2020 15:58