Новак Ѓоковиќ, шампионот на Вимблдон и Австралија опен и моментно најдобар тенисер во светот, е позитивен на коронавирус.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, светскиот рекет број еден веднаш по пристигнувањето од „Адрија тур“ во Задар, го посети својот лекар во Белград, каде што беше тестиран и наодите, за жал, се позитивни.
Неговата сопруга е исто така позитивна, а децата немаат вирус.
Иако не чувствувал никакви симптоми, што би укажало на присуство на вирусот во неговиот организам, Новак инсистирал да направи тестови на коронавирус при пристигнувањето во Белград.
Она што е познато од порано е дека член на неговиот тим, кондицискиот тренер, Марко Паникио, кој беше тестиран во Задар, исто така беше позитивен на тестирањето.
Тренерот на Новак, Горан Иванишевиќ, беше тестиран првпат пред пет дена, наодите беа негативни, како и оние што беа извршени во последните два дена.
Се започна кога беше откриено дека бугарскиот тенисер Григор Димитров, кој во саботата се откажа од натамошно натпреварување на „Адрија тур“ е позитивен на вирусот.
Подоцна беа тестирани уште 22 лица кои беа на турнирот во Задар, и тројца имаа позитивни резултати, хрватскиот тенисер Борна Чориќ, тренерот на Григор Димитров, Кристијан Грох и кондициониот тренер на Ѓоковиќ, Марко Паникио.