Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2019 годинаспоред која 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3 686 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 130 милиони евра.

Споредено со претходната година, вредноста на јавните набавки во 2019 година бележи пораст од 33 милиони евра односно 33,8 %.

Скок во вредноста на тендерите има кај Градот Скопје и 58 општини, додека намалување има кај 22 општини. Најголем вредносен пораст има кај Градот Скопје (7 милиони евра), Тетово (3,7 милиони евра) и Битола (2,8 милиони евра). Најголеми падови во апсолутни износи има кај Гази Баба, Куманово и Струга. Во релативна смисла, најголеми скокови и падови во вредноста на тендерите во 2019 година се забележани кај помалите општини и тоа скокови кај Ранковце (+409 %), Кривогаштани (+377 %) и Македонски Брод (+366 %), а падови кај Арачиново (-96 %), Сопиште (-92 %) и Пласница (-80 %).

Лидерската позиција според вредноста на тендеритена локално ниво Градот Скопје ја зацврсти со тоа што лани склучи 247 договори во вредност од околу 21 милион евра што е за 47 % повеќе од претходната година. За разлика од Градот Скопје, кај скопските општини има доминантно негативен тренд. Раст има само кај општините Аеродром, Сарај и Шуто Оризари, додека кај останатите седум скопски општини вредноста на договорите за јавни набавки е намалена и тоа од 5,6 % во Ѓорче Петров до 46 % во Гази Баба.

Кај фирмите, најголема вредност на тендерите во 2019 имаат градежната компанија ЈУ-БАЈ 2 Ахмет од село Бојане, нафтениот дистрибутер Пуцко Петрол од Пласница и градежната компанија Коле-Транс Инжинеринг од Штип.

Базата на податоцие интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител.Базата содржи податоци за последните пет години.

Оваа база на податоци се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2020 14:59