ЈП МЖ Инфраструктура ќе го води процесот со германската компанија „Вибе“ која неодамна ја запре изградбата на пругата Куманово-Бељаковце, а аргументите се на страна на нашата држава, рече денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при увидот на реконструкцијата на патот Куманово-Страцин, одговарајќи на новинарско прашање зошто е запрена изградбата на пругата Куманово-Бељаковце и зошто е прекинат договорот со германската фирма „Вибе“.

Тој информираше дека причините што ги навеле од Вибе за прекинот на работата за Владата се неприфатливи и оти на вчерашната седница ЈП МЖ Инфаструктура добиле задолжение да ги преземат сите мерки за ангажирање адвокатски куќи и за сите активности во однос на банкарските гаранции.

– Видете, прво само од нивни познати причини, веројатно напуштиле. Стигнато беше пропратно писмо во ЈП МЖ Инфраструктура за коешто пред неколку денови бев информиран. Причините кои се наведуваат за нас се крајно неприфатливи, затоа на вчерашната седница Владата зазеде став околу тоа, му даде сериозен мандат согласно заклучоците коишто ги има на ЈП МЖ Инфраструктура да ги преземе сите мерки во делот на ангажирање и на адвокатски куќи, се разбира, меѓутоа и на сите потреби коишто се поврзани со банкарски гаранции итн. Апсолутно очекувам дека сите аргументи се на наша страна, изјави Сугарески.

Согласно роковите, германската фирма требало да ја заврши пругата на крајот на февруари годинава.

-Без оглед дали ќе има или не арбитража, овој спор ќе го добиеме, а од друга страба веднаш овозможивме простор да се продолжи со изградба со на 55-те проценти, со цел да во најбрз временски рок, пругата да биде завршена, бидејќи моментно се евалуираат понуди и за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Таа динамика не смее да застане, мора да продолжи. Ќе направиме сѐ, без разлика и на здравствената криза, без разлика на овој момент којшто го спомнавте, тоа во најбрз временски период продолжи, изјави Сугарески.

Претходно, работници ангажирани преку приватна агенција за вработување кои работат за потребите на „Вибе“ на пругата во Куманово на 12 јуни годинава пред медиумите алармираа дека не зеле плати за два месеци.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2020 18:32