Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) почна програма за бесплатно онлајн учење и советување за микро, малите и средните компании (ММС) соочени со економското влијание од пандемијата од коронавирусот.

Како што соопштија оттаму, програмата на ЕБОР „Научи како да менаџираш во криза“ се наоѓа на платформа на банката – The Know How Academy и е централно место каде што претприемачите ќе имаат пристап до обуки и ќе можат да добијат советување за кризен менаџмент од индустриски експерти, а можат да се вклучат и во форуми за дискусија со нивните колеги.

Програмата ќе се фокусира на пет клучни столбови во бизнисот: Кризен менаџмент: Вашите клиенти и добавувачи; Основи на финансиски менаџмент; Финансирање на вашата компанија; Вашите вработени – вашиот клучен капитал и Предизвици на управувањето и лидерство.

Првите два модули Кризен менаџмент: „Вашите клиенти и добавувачи“ и „Основи на финансиски менаџмент“ се веќе достапни на https://www.ebrdknowhowacademy.com/learn.

– Ќе ви обезбедат совети за тоа како да го одржите во движење кругот на снабдување и наплата и имаат корисни информации за основите на финансискиот менаџмент во време на криза. Останатите три модули ќе бидат достапни наскоро. Програмата е на англиски, арапски, руски, турски и украински јазик, соопштија од ЕБОР.

Во текот на следниве месеци ЕБОР во соработка со партнерските банки и здруженијата за поддршка на бизнисите ќе ја лансира програмата во 30 земји, со цел да биде достапна до повеќе од 10 илјади луѓе од ММС компании нудејќи обуки, споделување на знаење и експертски совети.

– Во регионите каде што работи ЕБОР иницијативата е финансирана од Европската Унија (вклучувајќи го и Европскиот инвестициски советодавен хаб), Казахстан и Импакт фондот за мали бизниси на ЕБОР (Италија, Јапонија, Кореа, Луксембург, Швајцарија, Шведска, УСА, Таипеи Кина), додаваат во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2020 12:06