Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека исплатата на јунските пензии ќе почне утре и ќе се одвива етапно, за поголема заштита на пензионерите од КОВИД-19.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките, за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

– Во петок, 26 јуни исплата на пензии со висина до 11.000 денари;

– Во понеделник, 29 јуни, исплата на пензии со висина од 11.001 до 14.000 денари;

– Во вторник, 30 јуни, исплата на пензии со висина од 14.001 до 18.000 денари и

– Во среда, 01 јули, исплата на пензии со висина над 18.001 денари.

Според МТСП, пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од петок, 26 јуни. Тие можат да ја подигнат јунската пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа.

-Над 320 илјади пензионери и оваа пензија ќе ја добијат предвреме. Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на мерките за ограничување на изложеноста на граѓаните со цел спречување и ширење на коронавирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи, нагласува Министерството.

Воедно апелира, пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, зашто етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можноста за загрозување на личното и јавното здравје.

-Потсетуваме на обврската за носење маска којашто ги покрива носот и устата, како и држење растојание од најмалку два метра при чекање ред пред и внатре во банките, наведува МТСП.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2020 16:15