Неодложно изнаоѓање начин за финансиска поддршка посебно на оние што не остваруваат дополнителна дејност, зацврстување на институционалниот дијалог и изготвување протоколи за работа, бара Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП) при Сојузот на стопански комори.

Потпретседателот на МАТВП, Елвир Садиковиќ денеска на прес-конференција рече дека веќе четврти месец секторот трпи големи финансиски загуби поради откажаните аранжмани, а нема никаква помош од државата иако уредно ги плаќа даноците.

– Финансиската поддршка во моментот е неопходна за туристичките водичи на кои ова им е основна дејност и немаат приходи по било која друга основа. За таа цел нашите апели се да бидеме вклучени во економските мерки, за амортизирање на штетите и опстанок на луѓето кои се занимаваат со оваа дејност која е од особен интерес за државата, истакна Садиковиќ.

Тој потсети дека Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници веќе има доставено допис до надлежните институции со предлог-мерки за ублажување на последиците во дејноста.

– Она што е од особена важност во овој период е изготвување протоколи за работа на туристичките водичи, за што сме подготвени максимално да го дадеме својот придонес за нивна успешна реализација. Веруваме дека институциите ќе ги разгледаат нашите предлози како институционален партнер кој веќе има разработено мерки кои треба да овозможт поддршка на краток рок согласно моменталните услови во кои се наоѓаме поради здравствено-економскaта криза, но и долгорочно со нивната имплементација може да се стави ред во дејноста и да се елиминира нелојалната конкуренција која предизвикува штети и врз буџетот на државата, напомена Садиковиќ.

Според него, секторот обединува околу 1.000 туристички водичи, кои од март не остваруваат приходи, како резултат на состoјбата со КОВИД-19.

-Секторите во економијата што беа затворени со уредба иако тешко, сепак, почнуваат да се отвораат, но состојбата на туристичките водичи е уште пoкомплицирана зашто не се знае кога може да ги очекуваме првите странски туристи за кои би биле ангажирани. Истото важи и за појдовниот туризам. Согласно комуникацијата на МАТВП со организациите од регионот и пошироко, состојбата во Србија е слична како кај нас, за разлика од БиХ, Турција и останатите земји каде владите имаат одвоено средства за туристичките водичи и помош на нашата дејност да ја надмине кризата, истакна потпретседателот на Асоцијацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2020 13:24