Македонските граѓани трошат повеќе пари на странски производи, отколку на домашни. Од јули минатата година, до средината на овој месец, на домашни производи потрошиле 10,8 милијарди денари, а на производи од увоз 19,7 милијарди денари.
Ова е регистриран промет преку апликацијата Мој ДДВ, односно на скенираните сметки од граѓаните во периодот од јули минатата година до средина на овој месец.
Според податоците од Управата за јавни приходи во јули, август, септември и октомври прометот од домашни производи се движел околу 700 милиони, а од декември минатата година до април годинава се потрошиле над една милијарда денари.
За странски производи во тој период најмногу трошеле во јули, октомври, февруари и март, како и јуни. Во одредени месеци за купување производи од увоз трошеле и над шест милијарди денари.
За да се поттикне купувањето домашни производи, а за да се стимулира потрошувачката, а со тоа да се помогне домашната економија и да се заштитат работните места, се воведе и Домашната платежна картичка.
Картичката ќе ја добијат 320 илјади граѓани, а мерката е во вредност од 28 милиони евра. Банките интензивно работат на издавање, а досега над 50 илјади граѓани веќе ја добија и ја користат за купување домашни производи.
Картичката ја издаваат девет банки, најголемиот дел 280 илјади ќе издадат НЛБ Банка, Комерцијална и Стопанска банка. НЛБ Банка ќе ги доставува до домашна адреса, а другите ќе ги информираат корисниците кога и во која експозитура ќе може да ги подигнат. Дел, исто така, ќе доставуваат до домашна адреса.