Народната банка објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.

Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Македонија на возраст до 35 години. Немаат прво на учество вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка.

Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите).

Се препорачува да има стандардна структура на научно истражување, коешто содржи апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL), осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува, опис на методите на истражување коишто се користат во трудот, анализа, заклучни согледувања и библиографија.

Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2019 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Трудовите се поднесуваат на македонски или на англиски јазик, а еден автор има право да поднесе само еден труд.

Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, кој се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е лице кое не е вработено во Народната банка.

Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, без притоа да поседува информации за имињата на авторите и нивни биографии.

Критериуми врз основа на кои ќе се вреднуваат трудовите е релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај, соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје, јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето, соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Македонија), соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап, конзистентност и логичност на тезите во трудот и заклучоци и препораки и нивна соодветност.

Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2021 година.

Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, додека втората награда изнесува 50 000 денари.

Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2020 13:25