Поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, денеска изјави дека САД треба да размислат за економски санкции против Русија, ако е вистина дека Москва им понудила пари на талибанските сили за убивање Американци во Авганистан.

Болтон рече дека извештаите, доколку бидат потврдени, се „еквивалентни на напад директно врз Американците“.

– Она што ни треба е посеопфатна стратегија за справување со Русија. Мислам дека Владимир Путин и неговата влада добро играат со слаби карти и не мислам дека ние воопшто играме, рече Болтон.

Трамп во понеделникот негираше дека бил информиран за такви активности, кои, според извештаите, можеле да доведат до смрт на американски персонал.

– Во Конгресот е предложено Русија да биде прогласена за државен спонзор на тероризмот, ако решиме дека овие извештаи се точни, рече Болтон во интервјуто, како дел од промоцијата на неговите мемоари „Собата каде што се случи“.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2020 23:23