Поради новите случаи на коронавирусот, една пробиштипска конфекција од вчера е затворена, а работниците се испратени на колективен годишен одмор, информира Кристина Ампева од НВО „Гласен Текстилец“ – Штип.

Во овој период, истакна Ампева, се забележуваат и отпуштања на работници во конфекциите.

-Има колективни отпуштања или да не ги наречам отпуштања, непродолжување на договорите. Имавме случај во една фирма, каде што се случило непродолжување на договорите на 40 работници, сепак на оние кои се на неопределено им беше дадено да потпишат некаков анекс на договор, да бидат на четиричасовно работно време или да потпишат анекс на определено, со што, кога – тогаш ќе бидат под Агенцијата за вработување. На ова реагиравме, се состана правниот тим и на работниците им апелиравме да не потпишуваат ништо, рече Ампева.

Според неа, работниците не смеат да бидат колатерална штета, а работодавецот ако има деловни проблеми треба да им даде на работниците отказ од деловни причини.

-Соодветно на тоа и постапката согласно Законот за работни односи, да си биде спроведена од страна на работовачот, а не на ваков начин, смета Ампева.

Во моментов не можат да дадат точни бројки, колку работници останале без работа, бидејќи работат и интервенираат на случаите, за кои работниците им се јавиле.

„Гласен Текстилец“ во овој период забележал и неисплата на минималната плата на работниците во фирми што добиле државни субвенции од Владата.

-Тоа се народни буџетски пари, а на листовите за плати гледаме нешто, исплата и по 3.000 или 4.000 денари. Неколку пати реагиравме со Државниот трудов инспекторат, постапуваат и навистина сме задоволни што се експедитивни и успешно се процесуираат сите тие случаи, посочи Ампева.

Во Европа голем број граѓански здруженија почнаа кампања за поддршка, бидејќи сметаат дека брендовите што сега ги намалуваат нарачките имаат одговорност кон вработените кои со години шиеле за нив. Кон иницијативата се приклучуваат и од „Гласен Текстилец“ од каде се свесни дека ќе има отпуштања, но бараат тоа да се прави со почитување на Законот за работни односи, а работниците да не бидат приморани да потпишуваат трансфер на договорите од неопределено на определено време или спогодбени откази

-Секаде во светот, каде што е застапена текстилната индустрија веќе има јавни повици од самите Влади, од Невладини организации, Организации на работодавчи, синдикати, Меѓународна организација на трудот, каде се повикува брендовите да преземат одговорност, да не ги стопираат нарачките, да внимаваат на егзистенцијата на работниците, кои со децении наназад шиеле за нивните брендови. Сакам да го покренам како прашање наредниот период, рече Ампева.

Анализите на текстилниот сектор за ефектите од пандемијата не се оптимистички ако состојбата со коронавирусот со овој интензитет продолжи до крајот на годината. Тоа и догодина би значело помала ликвидност, а поголеми отпуштања.

Кирил Нашков, претставник на штипските текстилци во Текстилниот кластер, смета дека и покрај негативната кампања, прават се да се поделат што помалку откази. Секторот допрва очекува проблеми зашто досега се покривале со веќе потпишаните договори и нарачки кои биле во магацините. Дополнително, шиеле маски и скафандери. Но, и побарувањата за медицинската опрема во овој момент е намалена.

-Сега дојдовме до ситуација во која нашите партнери се судрија со драстично намалена побарувачка на нивните производи и сега драстично ги намалуваат порачките кон нас и мислиме дека во наредниот период ќе се судриме со проблем. Некои од конфекциите го намалуваат бројот на вработени, рече Нашков.

Тој истакна дека веќе се бара излез, преку нови нарачки и партнери, но тие алтернативни решенија се во мал број.

-Зборувам за шиење униформи, но општо и во тој дел е намалено побарувањето. Знаете дека не работеа ниту хотели, ниту фирми, па и на нив не им треба таков текстил, такви униформи. Не би сакал да кажам дека се ќе биде црно, меѓутоа ќе имаме доста проблеми и очекувам дека ќе се намали бројот на вработени во текстилната индустрија, оцени Нашков.

Прашан за колкав процент ќе се намали бројот на вработени во текстилниот сектор, Нашков одговори дека во моментов околу 50 отсто пристигнало намалувањето на нарачките.

-Прво беше 30 проценти, па 20. Можеби ќе продолжат и тие кратења на налози. Ако нешто драстично не се случи на пазарите за кои работиме, некако да се нормализира таа побарувачка, веројатно би било со 50 отсто нарачки и вработените да се најдат во една незавидна ситуација, истакна Нашков.

Во однос на негативната кампања кон конфекциите, рече дека во време на пандемија на текстилниот сектор не му паднало на памет да прави профит на грбот на вработените, туку „и под дрво и под камен“ се бараат нови нарачки и партнери за да се продолжи процесот на производство.

-Беа обвинувани за ширење на коронавирусот, за непочитување мерки, па имаше предлози да се затворат сите конфекции, тоа беше во ред да се запре ширењето на заразата. Меѓутоа од друга страна што ќе правиме ако ги затвориме, еве сега сите да се затворат, што ќе значи за градот, а секако и за државата. Не е решение да се затворат конфекциите. Сега и натаму ќе биде борба за вработените. Никој во овие три-четири месеци од конфекциите не направил профит. Имаше коментари, газди дека правеле пари на грбот на работниците, тоа воопшто не е точно. Сите сопственици на конфекциите се побарат за секое работно место, нагласи Нашков.

Смета дека ваквата состојба во текстилниот сектор ќе потрае до наредната година ова време, бидејќи магацините на партнерите се полни, а се прават само мали освежувања на колекциите.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2020 15:52