Енио Мориконе беше извор на постојана инспирација – како член на семејството, рече францускиот музичар Жан Мишел Жар по веста за смртта на прочуениот италијански композитор.

Тој за Французинот бил огромен дел од неговиот личен живот. – Чудно е да го кажам ова, кога во семејството имам познат филмски композитор (мисли на својот татко Морис)… Без Мориконе, како и многу други музичари, мислам оти не би бил ова што сум денес, изјави Жан Мишел Жар.

Францускиот пионер на електронската музика додава дека Мориконе влијаел на него и поради неговиот пристап кон звукот во однос на сликата и мешавината од неверојатни мелодии и современ звук.

– Тој ја пишуваше музиката на иднината. Како музичар, тој твореше на традиционален начин, но потоа ја интегрираше и современата електроакустика… Никогаш нема да го заборавиме, истакнува Жан.

Според него, Мориконе имал огромно влијание на секој вид музика, далеку вон филмските ноти, притоа потсеќајќи дека и „Металика“ ги почнувала концертите со звуците од „The Ecstasy of Gold” од филмот „Добриот, лошиот и грдиот”.

– По 10 секунди, знаеме дали некоја филмска музика е негова, па и за кој филм се работи, гледаме и слики… Така е и во случајот со мојот татко, кога се работи за „Доктор Живаго“ или „Лоренс од Арабија“. Но, кај Мориконе ја има таа мешавина од жичен инструмент, електрична гитара и оркестралните групи, додава Французинот.

Мориконе почина ноќеска на 91 година во болница во Рим, откако прењд неколку дена паднал и си ја повредил бедрената коска. Неговото име е запишано во над 500 филмски и телевизиски продукции.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2020 16:14