Почна аплицирањето за добивање субвенции за земјоделството, а крајниот рок за доставување на барањата е до 31- ви јули 2020 година, информираат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски појаснува дека во овој период ќе се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади.

– Исто така до крај на месецот барање за добивање на финансиска поддршка може да достават и сите кои се занимаваат со сточарско производство, односно, одгледуваат говеда, овци, кози, пчели свињи а може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица, потенцира Бабовски.

Барањата за добивање на финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите со регистрирање во системот на веб страна на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk. Оние земјоделци кои не знаат сами да поднесат барања или имаат потреба од помош при создавање на електронски барања, можат да се обратат во Подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

Директорот Бабовски, апелира при барање на помош од страна на вработените во Подрачните единици, барателите да користат заштитни маски и средства за дизинфекција, се со цел превенција и заштита од вирусот „COVID 19“. Апликантите, подвлекува Бабовски, пред да ги потпишат поднесените барања, да направат проверка, дали сите мерки и култури им се впишани. Доколку апликантите увидат дека направиле пропуст или пак внеле погрешни податоци или увидат потреба од измена заради не соодвествување со фактичката состојба, барањето може да го повлечат или да ги изменат во рок од 30 дена од денот на поднесувањето.“

Според него, како и досега, пари за субвенции за земјоделетвото има. На сите кои ги исполнуваат условите за користење на оваа поддршка, а согласно календарот за исплати во еден ден и без селекција им се исплаќаат парите.

– Така ќе продолжиме и во иднина. Агенцијата, заедно со МЗШВ и Владата, како и досега и во иднина ќе продолжи да креира мерки со кои директно ќе влијаеме во развој и модернизирање на домашниот агро сектор а со тоа и на намалување на производните трошоци и зголемување на домашно произведени земјоделски производи, директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2020 11:39