Компанијата „Макпрогрес“ започна со проект за основање тренинг центар за обуки што ќе служи за потребите на Макпрогрес и на бизнис професионалците од регионот. Проектот е финансиран од Владата на Јапонија преку Фондот за Соработка со Европската банка за обнова и развој.
Тренинг центарот, како што информираат од компанијата, ќе овозможи градење на менаџерските капацитети, како и специјализирани обуки за вработените во Макпрогрес, се очекува да почне со работа оваа есен.
–Во рамките на тренинг центарот планираме да воведеме модерна лабораторија за истражување и развој за прехрамбените технологии во пекарската и кондиторската индустрија, технолошко следење и аналитика, развој на нови производи, анализа на постоечки и нови суровини, како и тест проби со процесна опрема. Ќе развиваме соработка со научни институции, средни училишта, старт-ап компании, итн. Во рамки на центарот ќе постои и креативен кампус со ко-воркинг околина за промовирање на иновации со неколку сектори: креативна кујна, оддел за продажба, дел за маркетинг, дизајн и креирање амбалажа, мехатроника, сензорика и технологија, вели извршниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов.
Претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси посочува дека ЕБОР обрнува особено внимание на улогата на приватниот сектор во насока на развој на вештини, имајќи предвид дека компаниите се најдобро поставени да ги идентификуваат вештините потребни за нивните вработени да бидат продуктивни и да постигнат најдобри резултати.
-Она што е особено вредно за внимание е фактот дека успешна компанија како „Макпрогрес“ се вклучува во обуки за потребите на пошироката заедница и за останатите компании кои се лоцирани во регионот. Ние сме многу среќни што можеме да ја поддржиме оваа значајна иницијатива, рече Аранитаси.
Македонската менаџмент консалтинг платформа за експертска поддршка, PrimePoint Partners, е избрана за целосно спроведување на овој проект во делот на креирање на брендот, дефинирање на програмите, утврдување на содржината и динамиката на предавања, селекција на професори/обучувачи, обука на обучувачите, спроведување на програмите, упис и селекција на кандидати, план за одржливост, мониторинг и евалуација, итн.
-Нaм ни претставува особена чест да работиме со визионерскиот тим на Макпрогрес во создавање иновативен тренинг центар кој ќе овозможи градење на вештините и одржлив развој за источниот дел од Македонија“, изјави Билјана Марковиќ Стаменова, партнер и извршен директор на PrimePoint Partners.