Борис Бекер и Стефан Едберг, шампиони на Вимблдон и некогаш први светски тенисери, се согласуваат за една работа – финалето на Вимблдон во 2019 година меѓу Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер е најдобро во историјата на тенисот.

Во интервјуто за „Tennis legends“ на Евроспорт, Едберг и Бекер, кои некогаш беа големи ривали и кои заедно освоија пет титули на Вимблдон, разговараа за тоа кое финале било најдобро во историјата.

Во потесниот список беа дуелите на Бјорн Борг и Џон Мекинро од 1980 година, потоа Роџер Федерер и Рафаел Надал од 2008 година и Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер од минатата година.

Бекер и Едберг беа исто така тренери на двајцата тенисери, Бекер го тренираше Новак од 2013 до 2016 година, а Едберг беше со Федерер од 2013 до 2015 година.

Борис изјави за минатогодишното финале дека Новак е неговиот фаворит, но дека Роџер играл подобро.

– Имав среќа да коментирам за тоа финале, кое траеше повеќе од четири часа. Ми се чинеше дека Ѓоковиќ е фаворит, бидејќи Роџер имаше тежок натпревар со Надал, а беше многу топло на денот на финалето. Сепак, Роџер играше подобро, тој беше подобар во финалето, но загуби. И тие играа на ниво што никогаш не сум го видел, за мене тоа е најдобро финале во историјата, смета Бекер.

Едберг призна дека за него е многу болно што Федерер ја испуштил предноста и го загубил натпреварот, но тој се согласува со Борис дека тоа било најдоброто финале што го гледал.

– Беше неверојатно, како што вели Борис, најдобриот меч што сум го гледал досега. Од првиот до последен поен. Лично, ми е жал за Роџер, бидејќи мислам дека беше подобар, ги имаше тие 40:15 и две меч топки. Вие не очекувате тој да изгуби од таа позиција. Јас сум пријател со Роџер и беше многу вознемирувачко да го видам како губи, но на Новак треба да му се честита. Во однос на квалитетот, тоа беше најдоброто нешто што сум го видел досега, заклучи Едберг.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2020 00:55