Зголемување на бројот на општини кои ќе воведат ПОС терминал, зголемување на бројот на услуги кои може да се плаќаат со картичка и стимулирање на безготовинските плаќања со вградување на провизијата на трансакција во цената на услугата. Ова, како што соопштуваат од Министерството за финансии, се препораките врз основа на анализата која Министерството за финансии ја направило за безготовинско плаќање и ја доставило до Влада, пишува министерката за финансии Нина Ангеловска на нејзиниот фејсбук профил. Како што наведува Ангеловска од 66 општини од спроведената анализа 41 имаат ПОС терминали.

– COVID-19 нуди можност за побрза транзиција од кога било кон безготовинско општество која треба да ја искористиме. За да ја искористиме можноста сите треба да го дадат својот придонес – Владата, банките, граѓаните, компаниите, стопанските комори. Вклучително и општините – за подобри и поквалитетни услуги за граѓаните. Покрај другите бројни активности кон безготовинско општество во Министерство за финансии направивме и мапирање на состојбата во општините и можностите за плаќање со картичка на нивните услуги кои ги даваат на граѓаните. Вака стои состојбата: од 66 општини кои одговорија 41 имаат ПОС терминал за плаќање со картички. На месечно ниво, вкупно во сите општини се реализираат околу 6.000 плаќања на општински услуги преку ПОС терминалите (173 по општина). Општини со најмногу трансакции и промет на ПОС терминали се општина Штип и општина Прилеп (кои прават над 40 отсто од вкупниот реализиран промет од јануари 2019 до мај 2020, пишува Ангеловска.

Таа посочува дека врз основа на таа анализа биле дадени и усвоени препораки кон Министерство за локална самоуправа и Заедница на единиците на локалната самоуправа и општините – да дадат придонес кон зголемување на бројот на општини кои ќе воведат ПОС терминал, зголемување на бројот на услуги кои може да се плаќаат со картичка и стимулирање на безготовинските плаќања со вградување на провизијата на трансакција во цената на услугата.

-Дополнително меѓу активностите кои ги работевме во изминатиот период во насока на стимулирање на безготовинско општество предлагаме и годишен натпревар помѓеу општините – иницијатива за наградување на општината која ќе биде лидер во безготовински плаќања со грант средства за капитален проект кој им е најпотребен на граѓаните – за подобра средина, подобар и повалитетен живот, пишува Ангеловска.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2020 12:05