Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ уште еднаш покажа дека се бори со сите сили за сите играчи.

Имено, раководството на Здружението на тениски професионалци (АТП) одржа онлајн конференција со водечките играчи, а фокусот беше ставен на продолжението на сезоната закажана за 14 август.

Турнирите беа запрени во март поради пандемијата од коронавирус, а заради влошената епидемиолошка состојба во САД со новиот вирус „Ковид-19“, челниците и играчите на АТП се согласија да ја донесат конечната одлука за продолжување на сезоната на крајот на јули.

Тоа е серија турнири на американско тло кои би претходеле на УС Опен, кој е на програмата од 31 август до 13 септември во Њујорк.

Првиот човек на Советот на играчи, Новак Ѓоковиќ и најдобриот тенисер на денешницата, побара на тенисерите да им бидат исплатени трошоците за патување во САД доколку турнирите бидат откажани во последен момент.

Претходно, раководството на ВТА исто така побара од спортистите внимателно да го следат развојот на ситуацијата во Соединетите држави пред да се решат да учествуваат на турнири.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2020 22:58