Сојузот на синдикатите на Македонија укажува дека 15 јули 2020 година, денот на парламентарните избори, од страна на Владата е прогласен за неработен ден за сите граѓани на целата територија на државата и истиот нема да се одработува.

Согласно Уставот на државата секој граѓанин со наполнети 18 години се стекнува со избирачко право кое го остварува на слободни избори.

Член 148 од Законот за работните односи уредил дека работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата за државните празници, коишто се определени како слободни денови од работа и за другите со закон определени слободни денови.

Доколку производниот процес се одвива непрекинато, работодавачот е должен писмено да го извести подрачниот државен инспектор на труд.

Сојузот на синдикатите на Македонија укажува на тоа дека согласно член 24 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50% како и член 28, став 1, алинеа 5 „ Работодавачот на работникот му исплатува надомест на плата за – празници и неработни денови утврдени со закон или друг пропис“.

За сите работодавачи кои ќе го злоупотребат ова право на работниците, ССМ по пријава од работниците, ќе бара тие работодавачи да бидат најстрого санкционирани ( казнети ) од страна на надлежните инспекциски служби.

Со почит,

Сојуз на синдикатите на Македонија



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2020 18:42