Истекува рокот за предавање на домашната платежна картичка на оние граѓани што ги исполнија условите од оваа мерка што беше дел од третиот пакет-мерки на Владата за поддршка на економијата, а воведен поради корона-кризата. Банките имаа рок да ги издадат до 18 јули, односно утре, а граѓаните може да ги искористат најдоцна на 15 август годинава. Целта е во краток период да се вшприца поголема количина средства во економијата со купување домашни производи и услуги, а со цел поддршка во кризата предизвикана од коронавирусот.

Домашна платежна картичка добија над 324 илјади граѓани, во четири категории. Првата група доби домашна платежна картичка во вредност од 9.000 денари, каде што спаѓаат лица со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа, кои во минатата година немале поголеми приходи од 180 илјади денари, или годинава од јануари до април не повеќе од 60 илјади денари според податоците на УЈП. Во оваа група се опфатени над 114 илјади граѓани.

Во втората група се околу 117 илјади лица кои добиваат по 3.000 денари, односно граѓани кои се во работен однос, но чии примања во првите четири месеци не надминуваат 60 илјади денари. Оваа категорија дополнително доби и ваучер за туризам, кој веќе почна да се користи.

Во третата група се младите од 16 до 29 години кои се дел од државното образование и кои добија финансиска поддршка по 3.000 денари, а четвртата група ја сочинуваат здравствените работници со поддршка од 40 отсто од последната нето-плата.

Картичките ги издаваат девет банки, а тоа го почнаа од почетокот на јуни. Некои од нив ги испраќаа до домашна адреса, а дел ги информираа граѓаните кога им е изготвена картичката за во одреден ден во одредена локација да отидат и да ја подигнат, со цел да не се создава метеж во експозитурите и да се заштити здравјето на граѓаите и на вработените.

Заклучно со 8 јули издадени се и предадени над 187 илјади домашни платежни картички, а граѓаните активно ги користат и направиле 700.000 трансакции и потрошиле 11 милиони евра за домашни производи и услуги. Најмногу се користат во супермаркетите, каде што се реализирани 90 отсто од трансакциите од овие платежни картички. Баките продолжуваат со издавањето, а се обработуваат и поднесените приговори на граѓаните кои сметаат дека ги исполниле условите, а не се нашле на листата за домашна платежна картичка.

Целиот проект е проценет на 28 милиони евра и средствата се префрлени кај банките што ги издаваат. До крајниот рок треба да бидат изработени сите картички од листата и да се продолжи со печатење на картичките од усвоените приговори.

Според министерката за финансии Нина Ангеловска, со ова се поддржуваат македонските производи и услуги, се поддржуваат граѓаните и се поттикнува економската активност, а според сценаријата што се направени во Министерството за финансии, домашната платежна картичка ќе го подобри економскиот резултат на земјава во третото тримесечје за 0,7 – 0,9 процентни поени.

Оние што веќе ги поседуваат картичките можат да ги користат во: хотели, одморалишта, кампови и други објекти за сместување, туристички агенции и оператори, ресторани, достава и подготовка на храна и пијалаци, супермаркети, продавници за храна, пекарници, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за книги, спортска опрема, продавници за облека, обувки, предмети од кожа, аптеки, фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2020 10:27