Владите треба да го дадат својот придонес за да го олеснат патот за жените во водењето бизнис, да креираат регулативи и платформи за поврзување кои ќе им помогнат, а со тоа и ќе дадат придонес во справувањето со кризата со Ковид-19, бидејќи жените можат да одиграат клучна улога. Синергијата која можат жените да ја дадат задно со е-трговијата може значајно да придонесе во адаптирањето кон новото нормално и воедно креирање на додадена вредност, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на една од дискусиите на шестдневната конференција организирана од страна на Комисијата на Обединетите нации за меѓународна трговија и право – УНЦИТРАЛ насловен „Одговор на COVID-19 и опоравување“ (COVID-19 responce and recovery).

Оваа конференција на високо ниво траеше шест дена, на шест теми поврзани со предизвиците од Ковид-19, а во соработка со UN women. Ангеловска зема учество на темата „Родова еднаквост, трговија и Ковид”, каде се дискутираше за неискористениот потенцијал на жените, нивната клучна улога во кризата, засегнатоста на оваа целна група од кризата, особено малите претпријатија управувани од жени. Во дискусијата учествуваа и претставници на Светска банка, на ОН жени, на министерства од други земји, додека за настанот имаше регистрирано над 800 слушатели.

-Исклучителни времиња бараат исклучителна трансформација и адаптација. Имаме историска можност за е-трговијата и за жените. Сите треба да го дадат својот придонес – владите да се фокусираат преку регулативата да го олеснат патот за приватниот сектор и за жените, да овозможат амбиент за нови бизнис модели, нови начини на соработка, за платформи за е-продажба и раст на е-трговијата и отворање на можности за поголема конкурентност и освојување на нови пазари. Приватниот сектор треба да вложи напори во адаптација на новата нормала – нови практики на работење, адаптација на бизнис моделот, имплементирање нови технологии. Жените треба да ги охрабриме, да им го олесиме патот да го дадат својот придонес, да се вклучат во клучните процеси. Сега е поважно од кога било да го отклучиме неискористениот потенцијал на жените – тие ќе одиграат клучна улога во брзината на закрепнување на нашите економии, посочи Ангеловска.

Таа, како што соопшти Министерството за финансии, го истакна значењето на платформите за е-трговија, како и на технологијата која понатаму ќе одигра голема улога во функционирањето во новата нормала. Македонската Влада, според неа, преземала активности во оваа насока, како овозможување на фактура во електронски формат, електронски апликации кои претходно биле исклучиво во хартиена форма, како и дека преку мерките се огледа фокусот кон технологиите како што се ваучерите за ко-финансисрање на обуки за ИТ вештини, интрументите од Фондот за иновации за брза адаптација и целокупно преку начинот на имплементација на мерките. Во однос на е-трговијата таа посочи дека значајно расте бројот на нови е-продавници и е-трансакции и дека само во март 2020 има отворено скоро еднаков број на е-продавници, како за цела 2019 година.

Во насока на политиките за поддршка на жените во овие услови на криза, Ангеловска посочи дека во третиот сет антикризни мерки кои ги предвиде Владата, предвидена е третата линија бескаматни кредити во висина од 31 милион евра која треба да стане функционална наесен. Грант од 30 отсто од кредитот ќе им биде доделен на фирми кои се водени или основани од жена, кои вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или кои ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење, соопшти Министерството за финансии.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2020 13:56