Олимписките игри во Токио, кои се одложени до следното лето, се пос знак прашалник и за 2021 година, ако условите околу пандемијата на коронавирус се како што се сега, рече претседателот на организациониот комитет на Олимписките игри во Токио, Јоширо Мори.

Во интервју за јапонската телевизија „НХК“, Мори изрази очекување дека здравствената состојба ќе се подобри, но дека вакцината е клучна.

– Ако продолжи оваа ситуација, дали е можно натпреварите да се одвиваат? Не можеме да го сториме тоа, посочи тој.

Меѓународниот олимписки комитет и јапонските организатори во повеќе наврати изразија уверување дека Игрите ќе се одржат, иако исто така рекоа дека повеќе нема да се одложуваат и дека, доколку нема услови во 2021 година, тие ќе бидат целосно откажани.

– Би било премногу да одговориме на секое од овие хипотетички прашања. Не мислам дека оваа состојба ќе трае уште една година,вели Мори.

Научници ширум светот велат дека вакцината може да се создаде за шест до девет месеци, што според Мори е клучно за игрите. Сепак, некои се прашуваат дали сите спортисти би се согласиле да бидат вакцинирани.

– Дали Игрите ќе се одржат или не, ќе значи дали победило човештвото. Конкретно, првиот чекор е да се развие вакцина или лек, беше директен Мори, кој претходно рече дека организаторите не размислуваат за организацијата без присуство или со ограничен број на гледачи.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2020 01:10