На Марс летаат роботски ровери и сонди веќе педесет години, но кога човекот конечно ќе зачекори на Црвената планета?

Експертите веруваат дека техничките предизвици се речиси решени, но конечната одлука ја носи политиката и поради тоа иднината на колонизација на Марс е неизвесна.

Програмата на НАСА за човечко истражување на Месечината, Артемис, предвидува повторно да прати луѓе на природниот сателит на Земјата до 2024 година и да користи стекнато искуство како подготовка за Марс.

Најамбициозното ветување за заминување на Марс во 1990 година го даде тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш кој вети човек на Црвената планета до јули 2019 година, односно до педесеттата годишнина од слетување на Месечината.

Ветувањето не го исполни ниту Буш, ниту неговите наследници.

„Видов околу 10.000 графикони, табели, различни идеи за тоа како да стигнеме до Марс“, истакна Г. Скот Хабард, професор на Универзитетот Стенфорд и поранешен службеник на НАСА.

„Но тоа никој не сакаше да го финансира“. Мисијата би траела две или три години.

Компаниите СпејсИкс на Илон Маск и Блу Оригин на Џеф Безос градат ракети што се во состојба да пренесат тони материјал до Марс.

Дваесетгодишниот живот и работа на Меѓународната вселенска станица (ИСС) ги увери научниците во опасностите од зрачењето и бестежината на седуммесечното патување кон Марс. Несомнено, тоа би имало последици врз нивниот организам, но последиците се сметаат за прифатливи.

Престојот на Марс ќе трае 15 месеци, колку што е потребно за двете планети повторно да се најдат на иста страна на Сонцето.

Температурата на површината би била просечно-63 Целзиусови степени, но има и заштитни одела и засолништа за вакви ситуации. Во случај на медицинска итна помош, евакуацијата е невозможна поради оддалеченоста.

Какви проблеми предвидуваат астронаутите?

Пред се скршеници, но тие можат да се решат со гипс, истакна Ден Бакленд, инженер и лекар на Универзитетот Дјук, кој соработува со НАСА.

Дијареа, камења во бубрези и воспаление на слепото црево обично можат да се лекуваат и на Марс, освен 30 проценти од случаите на воспаление на слепо црево што мора да се лекуваат хируршки.

Опширното испитување на генетиката и семејното стебло на астронаутите во голема мерка може да ја намали веројатноста дека член на екипажот ќе развие карцином на тригодишна мисија.

„Од здравствен аспект не гледам пречка за заминување на Марс“, истакна Бакленд.

Голем проблем ќе биде заштитата на домовите и возилата од песочни бури. „Марс е специфичен по тие бури“, изјави официјалниот претставник на НАСА, Роберт Хауард.

Бурите со месеци можат да го блокираат Сонцето, што значи дека сончевите панели би биле бескорисни во такви услови. Затоа луѓето ќе имаат потреба од мали нуклеарни реактори и за тоа веќе постои проект. Крајната цел е производство на материјал на лице место, користејќи ресурси таму, односно 3Д принтери.

Може да се каже дека проектот е во почетна фаза, а Артемис ќе послужи како „полигон“ за испитување.

Колонии?

Илон Маск предложи колонизација на Марс, така што првата експедиција ќе изгради фабрика што ќе ги претвори водата и јаглерод диоксид во кислород и метан.

„Да се биде вид кој живее на повеќе планети е многу подобро од вид кој живее на една“, изјави Маск во 2017 година.

Роберт Зубрин, аеронаутички инженер и писател, е голем поборник за создавање „нови гранки на човечката цивилизација“. Огорчен е поради тоа што не е постигнат напредок од последниот чекор на човекот на Месечината во 1972 година.

„Тоа е како Колумбо првпат да се врати од Новиот свет и кралот Фердинанд и кралицата Изабела да му кажат „па што сега, ние не сме заинтересирани за тоа“, објаснува Зурбин. Но, не се сите убедени во тоа.

„Доста е од оваа глупост“, вели егзобиологот Мишел Висо од ЦНЕС, француската вселенска агенција. „Имаме прекрасна планета со атмосфера, кислород, вода. Никој нема право да ги измами луѓето дека постои план Б или планета Б“.

Дали луѓето ќе креираат колонија или постојана база на Марс? Најголемата пречка за нивното трајно присуство е да се убедат луѓето да прифатат многу поголем ризик отколку на Месечината или ИСС.

И за крај, треба да се додаде дека од таму нема да се вратат сите.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2020 11:48