Албанската полиција спречи обид за шверц на марихуана која требало да биде префрлена на македонска територија, преку зелениот појас на албанско – македонската граница кај Струга.

– По добиените информации по оперативен пат, спречен е обид за шверц на 32 килограми марихуана. Две лица албански државјани со возило требало на илегален начин да преминат на територија на Северна Македонија, на границата кај Либражд. Запленета е дрогата и возилото со кое се транспортирала дрогата, стои во полициското соопштение на комесаријатот од Елбасан.

Посочуваат дека кога ја забележале полициската гранична патрола, двете лицата кои биле во возилото го напуштиле и се дале во бегство,откако претходно со маневрите кои ги правеле со возилото ги довеле во опасност животите на граничните полицајци.

Подоцна едниот од нив Л.Н.(43), жител на селото Пискаш Вери, општина Прењас, е уапсен на граничниот премин Ќафасан при обид да замине во Северна Македонија, додека се трага по Л.А.(41), жител на селото Вери, Општина Поградец.

Ова е последователна успешна акција на албанската полиција во борбата против недозволената трговија со марихуана чија дестинација била нашата земја.

Во четвртокот попладне на граничниот премин „Блато“ кај Дебар, албанската полиција заплени 370 килограми марихуана во камион со лого на произведувач на мебел, при излез од албанската на македонската територија.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2020 01:14