Во вториот квартал од годинава, ТППЕ Гевгелија интервенирала 29 пати во гаснење на пожари на териториите што ги покрива, односно во општините Гевгелија,Богданци и Дојран.
Извештајниот период е карактеристичен по тоа што најмногу пожари, поточно дури 21, се случиле на подрачјето на Општина Гевгелија, додека останатите осум пожари биле локализирани на територијата на Општина Богданци.
– Од гевгелиските пожари 15 биле на отворен простор, а шест на објекти но со брза интервенција биле локализирани и спречени да направат поголема материјална штета од причинетата која навистина е минимална. Продолжуваме со засилена превентивна контрола во летните месеци на потенцијалните жаришта како што се дивите депонии и стрништата, велат од ТППЕ Гевгелија.
Во контролата на теренот, во делот на шумите, вклучени се шумските полицајци и вработените во подружницата на Шумското стопанство во Гевгелија.
Последните врнежи од дожд, посочија пожарникарите, придонесоа времено да се намали опасноста од пожари, но останува апелот до граѓаните за внимателно однесување и превентивно делување за заштита од пожари.