Малолетник од село Мојанци скопско е приведен поради потпалување на нискостеблеста шума и трева на јавна површина. Приведениот го признал делото, а полицијата го открила откако на социјалните мрежи споделил видео и фотографии како го предизвикува пожарот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека СВР Скопје – Единицата за насилен криминал, до ОЈО Скопје ќе поднесе писмено известување за 17 годишено момче од село Мојанци, скопско, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“.

-На 4 август 2020 на социјалната мрежа „Тик-Ток“ тој објавил видео и фотографии како предизвикува пожар, односно потпалува нискостеблеста шума и трева на јавна површина. Фотографиите и видеата биле споделени на повеќе социјални мрежи, по што Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презеде мерки и активности и на 5 август 2020 до СВР Скопје-Единицата за насилен криминал доставена е документација со повеќе снимени видео клипови на кои се гледа дел од фигура на лице како врши потпалување на повеќе дрва и грмушки на јавна површина – планина, како и фотографии од лице со профил на социјална мрежа „Тик-Ток“, под псевдоним Д.К., се наведува во полицикото соопштение.

Единицата за насилен криминал утврдила дека лицето кое предизвикува пожар на јавна површина е 17-годишен малолетник од село Мојанци, а местото каде што го извршува кривичното дело се падините на блиската шума над селото.

-По утврдување на идентитетот, на 13 август 2020 малолетникот заедно со неговиот татко бил повикан на разговор во просториите на Единицата за насилен криминал, каде што во присуство на инспектор по малолетничка деликвенција, го признал делото и потврдил дека тој палел нискостеблеста трева и шума на падините на блиската шума над село Мојанци, соопшти МВР.

Од МВР велат дека за настанот бил запознаен Јавен обвинител за малолетници и по негови насоки делото е квалификувано како „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво член 288 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2020 14:33