Во товарно возило „Мерцедес 911“ вчера на регионалниот пат Неготино-Градско, кај стариот мотел Градско, полициски службеници откриле 80 мигранти – 79 од Пакистан и еден од Еритреја.

– На 15 август 2020 во 09.30 часот на регионалниот пат Неготино-Градско, кај стариот мотел Градско, полициски службеници запреле товарно возило „Мерцедес 911“, со скопски регистарски ознаки. Веднаш по застанувањето, возачот побегнал, но набргу бил пронајден и приведен. Станува збор за А.Ф. (20) од село Визбегово, скопско. При преглед во товарниот дел во возилото биле пронајдени 80 лица мигранти (79 од Пакистан и едно од Еритреја), соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Од МВР информираа дека бил извршен увид од полициски екипи, а за настанот бил известен Јавен обвинител, по чија наредба против А.Ф. била поднесена кривична пријава, поради основи на сомневање за сторено кривично дело по член 418-б став 4 во врска со став 2 од Кривичниот законик. Исто така, по наредба на Јавниот обвинител мигрантите ќе бидат сместен во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ – Гевгелија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2020 14:48