Полицијата поднесе кривични пријави против советникот во Општина Охрид Нефи Усеини и против уште едно лице, во врска со вчерашниот инцидент кој се случил пред хотел во Охрид.
Според соопштението од СВР – Охрид, станува збор за Усеини и неговиот брат Ибраим (48), како осомничени сторители на кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали“. Полицијата по наредба на Јавен обвинител извршила и претрес во домовите на двајцата осомничени, како и оти се спроведуваат мерки за нивно пронаоѓање и целосно расчистување на случајот.
Лицето С.Т. од Охрид вчера во полиција пријавило дека врз него бил извршен физички напад, како и биле упатувани закани кон него и кон неговиот малолетен син со огнено оружје од страна на Усеини и уште неколку лица.
Нефи Усеини е првиот човек на партијата ДУИ во Охрид. Партискиот лидер Али Ахмети вчера за случајот пред медиумите рече дека таквите прашања не може да ги решава партијата туку органите на прогонот односно обвинителството и полицијата. Кривични пријави против Усеини беа поднесувани и во минатото за повеќе случаи на насилство, физички напади, узурпација на простор.