Притвор 30 дена му е одреден на 36-годишен жител на Прилеп за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, по поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Прилеп.
Како што соопшти Јавното обвинителство, при претрес во домот на осомничениот во Прилеп вчера биле пронајдени 36,4 грама наркотична дрога марихуана, 0,31 грама мешавина од амфетамин и метамфетамин, 0,99 грама амфетамин и 5,77 грама метамфетамин.
– Надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот поради постоење опасност од негово бегство и можност да го повтори кривичното дело. Предлогот беше прифатен од Судот, па со решение на осомничениот му е определен притвор во траење до 30 дена, информира Обвинителството.