Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 35-годишен скопјанец за разбојничка кражба во угостителски објект на улица „С. Георг – Шнајдерот“, кога затечен во кражба употребил сила и нападнал врз телото на двајца оштетени – татко и ќерка.
Обвинетиот кривичното дело го извршил на 29 јули.
– Тој преку прозорецот влегол во угостителскиот објект и одзел три телевизори во вкупна вредност од 105.000 денари. Но, притоа бил затекнат од оштетениот и неговата ќерка, кои се обиделе да повикаат полиција. Во тој момент, обвинетиот ја удрил оштетената со тупаница во пределот на главата, ја турнал и се обидел да го удри нејзиниот татко, кој го одбил ударот со рака. Обвинетиот се обидел да избега од местото на настанот со својот мотор со приколка, но оштетениот и случаен минувач успеале да го задржат. За тоа време, оштетената настанот го пријавила во блиската полициска станица, информираат од ОЈО.
Заедно со поднесеното обвинение, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Судот достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице , со оглед на тоа што постои опасност од бегство на обвинетиот, како и опасност да го повтори делото.
Лицето се товари за сторено кривично дело – Разбојничка кражба од член 238 став 1 од Кривичниот законик.