Советот на Општина Штип од денеска има нов претседател. Советниците на онлајн седница по оставката на Јане Миланов ја избраа Маријана Рогожарска – Поповска, инаку 32- годишна правничка, која изминатите неполни три години беше координатор на советничката група на СДСМ. Во расправата и на самиот чин на гласањето не учествувале советниците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. По ова Миланов останува советник, а веќе утре се очекува градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски кој заминува на министерската позиција во транспорт и врски да го назначи за заменик градоначалник.

На двете онлјан седници на Советот на Општина Штип беа верифицирани и мандадите на двајца нови советници, кои доаѓаат на местата на Сашко Николов од СДСМ и Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ, кои се избрани за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Ѓеорѓи Димов од Партијата на Власите доаѓа на местото на Сашко Николов, а Мемед Ѓулбаки од партијата на Турците доаѓа на местото на Иван Јорданов. Но, партијата на Ѓулбаки сега е во коалиција со СДСМ, па соодносот на советници во Советот на Општина Штип сега е 12 за коалицијата на СДСМ и 10 за ВМРО-ДПМНЕ.

Нов координатор на советничката група на СДСМ е Иван Бојаџиски, а на ВМРО-ДПМНЕ Љубе Здравков, Бојаџиски доаѓа на местото на Рогожарска Поповска, а Здравков на местото на Иван Јорданов.

Претстои период на постапки за распишување на избори за нов градоначалник на Општина Штип.

-Во моментов не може да се каже кога ќе бидат распишани избори, бидејќи пред нас претстои постапка, која предвидува рокови согласно законот. Штом се почне постапката за избори, во тој момент Советот бира в.д. градоначалник по истиот принцип за избор на претседател на Советот, вели за МИА Миланов.

МИА и претходно информираше дека постојат две опции согласно законите, едната е избори да има по сто дена од оставката на Бочварски или по шест месеци, кога изминува мандатот на в.д. градоначалникот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2020 02:31