Во сообраќајната незгода што се случи вчера попладне кај кратовското село Страцин, на клучката кај местото Чатал, животот го загуби 53-годишен жител на Македонска Каменица.
– На 24 август 2020, во 15:05 часот било пријавено дека во село Страцин, кратовско, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „голф“ со регистарски ознаки од Македонска Каменица, управувано од 23- годишниот С.Ѓ. од село Саса, Македонска Каменица и патничкото моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од К.П. (47) од тетовското село Мала Речица. Во незгодата, на местото на настанот починал совозачот во возилото „голф“, 53-годишниот В.Ј. од село Костин Дол, Македонска Каменица, додека со телесни повреди се здобиле С.Ѓ. и сопатниците од истото возило В.Ј.(50), Н.Ј.(20) и едногодишно дете, констатирани во Медицинскиот центар во Куманово, информираат од МВР.
Возачот К.П. бил пренесен во Здравствениот дом Кратово, кадешто му била укажана лекарска помош. Извршен е увид од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Кратово.