Неколку стотици студенти денеска протестираа во Минск на почетокот од новата учебна година, осудувајќи го авторитарното владеење на претседателот Александар Лукашенко, кој се соочува со повеќенеделни демонстрации во врска со спорните претседателски избори.

Полицијата приведе десетина студенти додека се обидоа да направат човечка верига во центарот на Минск. Студентите извикуваа „Фашисти“, „Ова е нашиот град“, „Веруваме, можеме, ќе успееме“.

Студентитете беа од повеќе универзитети од Минск. Младите во Белорусија се еден од столбовите на протестот против Лукашенко , кој по шести пат беше избран за претседател на изборите на 9 август.

Резултатите од спорните избори предизвикаа бран демонстрации против авторитарниот лидер кој е на власт од 1994 година.

Властите го отфрлаат дијалогот со опозицијата и сега има се повеќе уапсени политички противници, штрајкувачи и новинари. Властите веќе не се обидуваат да ги растурат демонстрациите како на почетокот на протестот, кога три лица беа убиени, а десетици беа повредени.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2020 22:26