Во Израел денеска е регистриран рекорден дневен раст на новоинфицирани со коронавирус, и тоа на почетокот на неделата во која почнува новата учебна година, соопшти денеска Министерството за здравство.
Во Израел денеска се регистрирани 2.180 нови инфекции со коронавирус, што е најголем дневен број на новозаразени од почетокот на пандемијата. Училиштата и градинките се отворија со рестриктивни мерки низ целата земја.
Дневниот број на инфекции е далеку поголем од прокламираните цели на владата, која претходно објави дека сака до почетокот на учебната година да го ограничи бројот на нови инфекции на 400 дневно.
Владата најави во градовите со високи стапки на ширење на инфекцијата, таканеречените „црвени градови“, да го одложи почетокот на учебната година. Според некои проценки, оваа мерка ќе влијае на почетокот на учебната година за околу 140 илјади деца.
Според Министерството за здравство, во Израел се регистрирани 117.241 случаи на инфекција, а досега 946 лица умреа како последица на Ковид-19.