Осумдесет и еден добитник на Нобелова награда дадоа поддршка за демократскиот кандидат на претседателските избори во САД, Џо Бајден, во денешното отворено писмо, наведувајќи ја „подготвеноста на поранешниот потпретседател да ги сослуша експертите“ и неговата „длабока посветеност за користење на науката за наоѓање решенија“.

лауреатите, добитници на Нобеловата награда за хемија, медицина и физика, ја истакнаа важноста на тоа избраните лидери да донесуваат одлуки засновани на наука, особено за време на глобална пандемија, јави Си Ен Ен.

„Во ниту еден момент од историјата на нашата нација немало поголема потреба нашите лидери да ја ценат вредноста на науката во формулирањето на јавната политика“, се вели во писмото. „За време на неговиот долг стаж во јавната служба, Џо Бајден постојано ја покажува својата подготвеност да ги сослуша експертите, неговото разбирање за вредноста на меѓународната соработка во истражувањето и неговото почитување на придонесот што имигрантите го даваат во интелектуалниот живот на нашата земја“, оценуваат нобеловците.

„Повеќекратните кризи со кои се соочува нашата земја, вклучително и кризата во однос на дезинформациите, бараат водач со длабока почит кон науката и вистината“, рече Роџер Корнберг, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2006 година. „Јас ја поддржувам про-научната агенда на Џо Бајден и разумен пристап кон одлуките за јавно здравје. Вистински лидер кој ќе се соочи со вистината и ќе биде искрен со американскиот народ“.

„Сега повеќе од кога било, на нашата земја и требаат избрани лидери кои донесуваат одлуки засновани на наука“, вели Елизабет Блекбурн, добитничката на Нобеловата награда за медицина во 2009 година. „Џо Бајден е силниот, сочувствителен водач кој ни треба за да се избориме со пандемијата на Ковид-19. Тој ќе ја слуша научната и медицинската заедница за да дојде до решенија што конечно ќе не извлечат од оваа смртоносна пандемија и ќе го подобрат здравјето на американскиот народ“, оценува таа.

Керол Грејдер, добитничката на Нобеловата награда за медицина во 2009 година, рече: „Нашите избрани лидери треба да донесуваат одлуки засновани на факти и наука. Јас силно го поддржувам Џо Бајден заради неговата посветеност да ги врати професионалците од јавното здравство, а не политичарите, повторно на чело“, се само дел од пораките на 81 добитник на Нобеловата награда кои го поддржуваат демократскиот кандидат.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2020 15:21