Двајца браќа биле приведени ноќеска во тетовската полиција откако претходно агресивно се однесувале во клиничката болница и кон полицајци кои дошле за да интервенираат. Браќата дошле во болницата за да му се укаже помош на помладиот од нив.
-Околу 2.25 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Н.А.(47) од Тетово, кој се однесувал агресивно и се обидел со остар предмет да ги нападне полицајците. Потоа удрил и еден од нив, откако дошол во тетовската клиничка болница, каде на Хируршкото одделение му се укажувала помош на неговиот брат Ј.А.(42). Н.А. е задржан во Полициската станица Тетово за натамошна постапка. Нешто подоцна, околу 3.50 часот, полициски службеници на СВР Тетово го привеле и Ј.А.(42), кој се однесувал агресивно, а претходно скршил и стакло од врата во тетовската болница, информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Исто така, вчера околу 21 часот полицајци лишиле од слобода и три лица поради пријавено разбојништво во текот на денот.
– Полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Г.Е.(18) од Палатица, А.Ј.(24) и Ј.З.(23) од Тетово, поради сомнение дека околу 16.30 часот на улица „Благоја Тоска“ во Тетово, извршиле разбојништо над 19-годишниот тетовец Л.Р. Тие физички го нападнале Л.Р. и му одзеле и пари, рече Јосифоски.
Тројцата се задржани во Полициската станица Тетово и по целосното расчистување и документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.