Пожарот кој утринава избувна во просториите на поранешна Комерцијална банка е локализиран. Нема повредени, а според првичните проценки оштетени се шест простории на првиот кат каде е сместен Инспекторатот за животна средина, а опожарен е и надворешниот дел на вториот кат. Во зградата се сместени и Секретаријатот за европски прашања и Медиумската информативна агенција.
Пожарот е локализиран во 08:50 часот, а во гасењето интервенирале 24 пожарникари со девет пожарникарни возила. При интервенцијата, само еден пожарникар се пожалил на задушување по што му била дадена прва помош од екипа на Брзата помош. Пожарникарот е во стабилна состојба.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека интервенцијата била сложена затоа што внатре просториите биле преградени со гипс картони и стаклени врати, а не работел ниту еден хидрант.
– Пожарот е пријавен во 06:50 часот. Дојавен е како пожар во Секретаријатот за европски прашања од страна на чуварот. Пристигнати се екипи во пет минути до седум и со самото пристигување на првите две возила, побарани се уште дополнителни две возила, но на самата интервенција имавме девет возила и 24 пожарникари. Станува збор за сложена интервенција затоа што се работи за стара поранешна Комерцијална банка, која внатре е преградена со ходници, гипс картони и стаклени врати. Не работи ниту еден хидрант. Тоа ни претставуваше дополнителен проблем бидејки не можевме да интервенираме од внатрешна страна и моравме да интервенираме однадвор, изјави командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Во моментот на пожарот, немало никој во Инпекторатот за животна средина, а пожарникарите успеале полесно да се снајдат во внатрешноста на зградата благодарение на шемата која ја добиле од Медиумската информативна агенција.
– Немаше ниту еден од вработените во Инспекторатот внатре. Точно не знаевме како да пристапиме се додека не дојдоа од МИА кои ни дадоа шема како се влегува и од предната и од задната страна. Така побрзо го лоциравме пожарот и вендаш го локализиравме, истакна Симоновски.
Причина за пожарот, според првичните проценки на Симоновски, е електрична инсталација.