Единствениот осомничен за суровото убиство на жена пред два дена, попладнево е спроведен во затворот КПУ Скопје во Шутка. На Бајрам И. (67) од Гостивар, судија на претходна постапка од Основниот суд Гостивар му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Тој се соочи со кривична пријава за убиство.

По осомничениот Бајрам И. полицијата трагаше повеќе од триесет часа и вчера попладне го обезбеди во акција на локален пат помеѓу гостиварските села Страјане и Трново. По лишувањето од слобода, тој беше задржан во полициска станица Гостивар, каде по сослушувањето, денес беше изведен пред судија на претходна постапка со кривична пријава за убиство.

Гостиварецот, непосредно по откривањето на телото на неговата сопруга исчезнал и според пријавата бил единствен осомничен за убиството.

Настанот ја вознемири гостиварската јавност, најмногу поради жестокоста и начинот на кој е извршено убиството. Јавното обвинителство информира дека шеесетгодишна Џ.И. била најдена мртва со соба од семејната куќа со повеќе рани нанесени со секира и нож.

Според првичните информации, до трагедијата дошло по настаната расправија поради нарушени меѓусебни односи.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2020 23:27