Преку воведување на даночен календар бизнис заедницата ќе ги знае промените во даночната сфера најмалку шест месеци пред истите да се спроведат. На овој начин ќе се обезбеди поголема даночна предвидливост, а тоа значи и подобро бизнис опкружување, се наведува во објава на Фејсбук профилот на Министерството за финансии.

Согласно изјава на министерот за финансии Фатмир Бесими од средба со Стопанската комора на Македонија даночниот календар ќе овозможи бизнис-заедницата да ги знае даночните промени најмалку шест месеци пред да се случат.

Бесими посочи дека може да има исклучоци, потреба за брзи акции – како во случајот со ковид-кризата, но истакна дека ќе се постави систем и механизми за транспарентно и навремено информирање.

-Инаку зголемувањето на даночната предвидливост беше наведена како една од целите и приоритетите на Министерството за финансии во следниот четиригодишен период. Министерот за финансии тогаш најави даночни поволности кај персоналецот за ИТ индустрија и за повеќе категории на стопанственици, како занаетчии, извозно ориентирани и земјоделци преку нов закон за ДДВ. Исто така најави и подигнување на прагот за ДДВ-обврзник од 2 на 3 милиони денари, како и намалување на парафискалните давачки за 75 отсто, наведува МФ.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2020 14:14