Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска изрази загриженост поради враќањето на хронично болните на работа без ажурирана проценка на ризик на работното место согласно новата биолошка штетност од Ковид -19.

Според КСС, со ова се прескокнува Законот за безбедност и здравје при работа и сите овие вработени се втурнуваат во голем ризик по нивното здравје.

Од Синдикатот посочуваат дека работодавачите треба да ја ажурираат проценката на ризик на работните места, особено во оние компании каде веројатноста на изложеност на Ковид-19 е поголема.

– Бидејќи сите работници без исклучок се изложени на новата биолошка штетност САРС- КоВ- 2 вирусот, дали помалку или повеќе, а веќе со светските студии е утврдено дека хронично болните развиваат потешка клиничка слика, а тие од денес се враќаат на работа, а работодавачите немаат направено проценка на ризик кој е основен предуслов за кои специфични мерки и активности, компаниите ќе ги преземаат за секое работно место индивидуално. На некои работни места хронично болните, согласно мерките, можат безбедно да ја извршуваат работата, но на некои работни места им е загрозено здравјето значително повеќе, додека на некои работни места воопшто не треба да работат хронично болни лица, а сето тоа се утврдува со проценката на ризик на работно место, велат од КСС.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2020 17:22