Веројатно викендов ќе можеме да одговориме дали е потребно ново задолжување или не. Во државата не е проблем нивото на задолжување, туку проблемот од минатото беше дали и каде ќе одат тие средства, порача денеска вицепремеирот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Ако одат за поддршка на економијата, граѓаните и работните места сметам дека е легитимно да се задолжиме онолку колку што во овој момент е потребно затоа што само така заедно ќе го пребродиме овој момент и ќе влеземе во 2021 година многу посигурни и поспремни за справување со било каков нов предизвик, потенцира Битиќи во одговор на прашање по потпишувањето договор за државна помош со компанијата „ВИК Македонија“.

Повтори дека веќе сме во финалната фаза на подготовката на четвртиот сет на мерки за помош на граѓаните и стопанството за справување со последиците од корона кризата.

-Во овој момент ги финализираме сите подготовки околу ребалансот на Буџетот и веројатно во петок доцна ќе имаме јасен став што значи капацитетот во овој момент од страна на Буџетот за намалување на расходната страна и ослободување на дел од средствата за четвртиот пакет. Тогаш ќе можеме да одоговориме колку ќе тежи економскиот пакет, но и како во првите три пакети ќе тежи онолку колку што на економијата и на секој еден граѓанин им е потребно. Клучен момент ќе биде одржување на секое едно работно место, потенцира Битиќи.

Вети поддршка на сите оние на кои им е потребна без разлика дли се стопанственици или граѓани или, пак, за друг начин на помагање кој ќе го направи полесен преминот и соочувањето со економската криза заради пандемијата со Ковид-19.

Прашан за коментар а вчерашната изјава на лидерот на БЕСА Билал Касами дека треба да се воведе двојазичност во сите компании бидејќи голем дел од Албанците не го разбираат македонскиот јазик, Битиќи рече дека денеска зборуваме за конкурентна економија и конкурентни стопанственици на прес-конференцијата по повод потпишувањето на договорот со ВИК на три јазици.

-Сметам дека тоа укажува како една економија може да биде конкурентна не само тука, туку и многу пошироко. Се стремиме кон еден пристап во кој конкурентноста ќе биде еден од клучените моменти и мислам дека тука би требало да завршиме со дискусиите за тоа прашање, посочи Битиќи.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2020 18:07