Во наредните четири години земјоделството и руралниот развој ќе ги поддржиме со годишна финансиска поддршка од 200 милиони евра и ќе вршиме навремена исплата на субвенции по принципот 30 отсто од висината на субвенциите за основните мерки да се исплаќа 30 дена по одобрувањето, а 70 отсто според календарот за исплата, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арианит Хоџа.

-Во следните четири години ќе работиме на креирање на политики кои се во согласност со генералните обврски и насоки на државата за приспособување кон заедничката земјоделска политика на ЕУ. Наша задача е со стратегија и соодветна поддршка земјоделството да стане една од најпродуктивните и најисплатливите гранки преку искористување на сите природни ресурси што ги нуди нашата држава, рече Хоџа при презентацијата на мандатното писмо.

Вети дека ќе обезбедат услови за порентабилно земјоделско производство преку зголемување на кофинансирањето на трошоците за набавка на зелена нафта.

-Годинава државата покрива 50 отсто од трошоците, а овој процент секоја година ќе се зголемува и до крајот на 2024 година ќе биде 100 отсто субвенциониран, посочи Хоџа.

Ќе го продолжиме, додаде, процесот на консолидација, односно опкрупнување на земјоделското земјиште, ќе ги мотивираме младите земјоделци до 40 години да останат во земјоделството преку доделување на грантови до 20.000 евра и ќе ја зголемиме поддршката за жени земјоделки до крајот на 2024 година.

-Ќе биде формиран Интервентен фонд во програмата за директни плаќања, а наш приоритет ќе биде инвестирањето во инфраструктура на пасишта во јавно-приватно партнерство и градба на брани и системи за водоснабдување, потенцира Хоџа.

Посочи дека нашата држава годинава се наоѓа во еден од најтешките пеироди пред,како што рече, најголемиот предизвик, справување со глобалната закана за здравјето на луѓето – вирусот Ковид-19.

-Но, покрај ризиците за здравјето на луѓето последиците од оваа глобална пандемија има економијата вклучувајќи го и земјоделството. Токму здравствената криза покажа дека домашното производство на храна и земјоделски производи е најважно, нагласи Хоџа.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2020 12:44