Министерството за внатрешни работи покрај на територијата на главниот град Скопје, почна со спроведување на засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и во другите градови, меѓу кои и Гостивар, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција во Гостивар.
„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и сл.,а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“, рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Гостивар да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот. „Само за еден час во денешната акциска контрола во Гостивар изречени 60 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и др. “, соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола ќе бидат презентирани утре.