Преку имплементирање на новиот концепт СМАРТ финансии, ќе се работи на подобрување на реализацијата на капиталните расходи. Ова, како што информират од Министерството за финансии, го најави министерот за финансии Фатмир Бесими во неделното интервју за Радио Слободна Европа и посочи дека во Министерството за финансии, но и во Владата ќе се направат единици или тела за следење на реализацијата на капиталните расходи за да се подобри перформансот.
Концептот на СМАРТ финансии, како што посочува Бесими, е поставување јасна стратегија во јавните финансии, следење и мерење на резултатите и истовремено отчетно и трансаретно дејствување.
– За овој концепт СМАРТ финансии имаме јасна поддршка од меѓународните институции и од Европска комисија. Има дополнителни средства за поддршка за моделот за менаџирање на јавните финансии со грант од пет милиони евра за софтвер за буџетирање и планирање. Зборувавме и со Светска банка за дополнителни средства за систем, софтвер и апликација и во Министерството за финансии и во Управата за јавни приходи за да може да се вркстат податоците за да може да се подобри планирањето. Во наредниот период ќе биде ставен новиот реформски Закон за буџети, на ЕНЕР и ќе започне јавна расправа за него, вели Бесими.
Во однос на очекувањата за раст годинава, Бесими вели дека проекцијата засега останува на -3,4 отсто согласно досегашната реализација на буџетот. Сепак посочува дека има и варијации на сценарија до крајот на годината, согласно тоа дали ќе има нов бран на Ковид криза.
За јавниот долг, Бесими вели дека на кус рок тој ќе расте со оглед дека нема економски раст, а има потреба од расходи за да се поддржат граѓаните и стопанството. Посочува и дека на среден рок долгот ќе се стабилизира кога економијата ќе се врати на патот на економски раст.