Во угостителски објекти во Струмица не бил ограничен бројот на гости кои може да седат, поточно на повеќе стоечки маси немало толку столови колку што имало лица околу масите, на масите немало поставено дезинфекциски средства, не било зачувано потребното растојание и не се носеле заштитни маски.

Овие неправилности ги констатирале полицијата и инспектори од Државниот пазарен инспекторат и општинските комунални инспектори за време на минатиот викенд во Струмица, кога биле контролирани 24 угостителски објекти за почитување на одлуките и протоколите од Владата во врска со коронавирусот.

При вршењето контрола полицијата и инспекторите напишале повеќе кривични и прекршочни пријави.

-Во петокот и саботата извршена е контрола на шест угостителски објекти на подрачјето на Општина Струмица, во еден угостителски објект се констатирани две кривични дела, а во три угостителски објекти констатирани се по три прекршоци од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и од Законот за јавна чистота. Ноќта меѓу сабота и недела од страна на полициски службеници извршена е контрола на 18 угостителски објекти на подрачјето на општина Струмица. Во еден угостителски објект било констатирано непочитување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, како и Протоколот за отворање и работа на кафетерии, информираат од СВР Струмица.

Покрај тоа биле констатирани прекршоци заради пуштање гласна музика и присуство на малолетници по 24 часот.

Од почетокот на пандемијата во Струмица полицијата извршила вкупно 913 контроли на лица со мерка „Здравствен надзор и домашна изолација“ и „Писмена наредба за спроведување на задолжителна самоизолација“.

Четиринаесет лица не ја почитувале мерката за домашна излолација, а 16 пак, не седеле дома, иако имале мерка задолжителна самоизолација. Полицијата поднела вкупно 21 кривични пријави против 28 сторители за сторени 24 кривични дела.

За време кога важеше полицискиот час до ОЈО Струмица се поднесени 52 известувања, 266 кривични пријави против 353 сторители за сторени вкупно 305 кривични дела.

За непочитување на Уредбата за носење на маска полицијата констатирала вкупно 1.745 прекршоци.

Инаку, заради зголемениот број на заразени од Ковид-19 и непочитување на мерките за заштита, Општинскиот совет за превенција одржа состанок со угостители мината среда. На состанокот беше заклучено доследно да се почитуваат протоколите за работа на угостителските објекти, но беа најавени и засилени контроли од страна на инспекциите и полицијата за да се превенира ширењето на коронавирусот.

На подрачјето на струмичкиот регион, од почетокот на пандемијата, се регистрирани 233 лица позитивни на коронавирусот, а во моментот се активни 150.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2020 11:59