ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, го назначи Метин Батак за генерален директор, ефективно од 1 октомври 2020. Алпер Ерсој ќе ја напушти позицијата на генерален директор и ќе биде назначен за генерален директор на ТАВ Грузија, компанија која управува со аеродромите Тбилиси и Батуми.

-За време на мојот мандат во ТАВ Македонија, успеавме тројно да ги зголемиме бројките на патници на двата македонски аеродрома. Заедно со нашиот извонреден тим на вработени и блиската соработка со сите чинители во авиосообраќајот, продолживме во поставувањето на македонските аеродроми како водечки центар на Балканот, обезбедувајќи одлично патничко искуство. Иако ќе ми недостига времето поминато во Македонија, сигурен сум дека аеродромите во Скопје и Охрид ќе продолжат со напредокот, притоа придонесувајќи многу за развојот на земјата, изјави Ерсој.

Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија, му се заблагодари на Ерсој за неговиот придонес за развојот на македонските аеродроми.

-Двајцата работиме на македонскиот пазар во последните 10 години, заедно со целиот менаџерски тим на ТАВ Македонија, чиишто комплементарни вештини беа комбинирани заеднички со цел да се постигне брз раст и развој на македонските аеродроми. Ќе продолжиме да го водиме тимот на ТАВ Македонија на патеката што ја имаме воспоставено, работејќи напорно и вредно за натамошен развој на двата аеродрома, и во Скопје и во Охрид, а истовремено придонесувајќи за развојот на македонската економија, изјави Батак.

Метин Батак е дел од највисокиот менаџмент на ТАВ Македонија уште од доаѓањето на ТАВ на македонскиот пазар во 2009 година. Тој има повеќе од 27-годишно работно искуство во различни сектори. Батак се стекнал со високо образование на Универзитетот Мармара во Истанбул, на отсекот за Бизнис-администрација и маркетинг, а кариерата ја започнал во Догус Холдинг како Супервизор за внатрешна ревизија во 1993 година. Потоа, работел како Менаџер на сметководство и финансии во Догус Медиа Груп, а потоа и како Менаџер на сметководство во ТувТурк Истанбул. Во 2006 година се приклучил во тимот на Холдингот ТАВ Аеродроми, на работната позиција Менаџер на сметководство на седиштето на групацијата во Истанбул. Од 2010, па се до 2015 година тој беше Менаџер за финансии и административни работи на ТАВ Македонија. Од 2015 година до денес, тој беше заменик генерален директор за финансии и административни работи на ТАВ Македонија, а во исто време и главен финансиски директор на ТАВ Тунис. Батак е член на Комората на овластени јавни сметководители на Истанбул.

Покрај Батак како генерален директор, менаџерскиот тим на ТАВ Македонија, во однос на аеродромски операции, е предводен од страна на Неџат Курт, Заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија.

Под водство на ТАВ, скопскиот аеродром пет пати по ред ја добива наградата за Квалитет на аеродромски услуги (ASQ) од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI). Последната ASQ награда Меѓународниот Аеродром Скопје ја прими во март 2020 година, во категоријата на аеродроми од две до пет милиони патници на годишно ниво. Претходно, ASQ награди беа добиени во 2012, 2013, 2015 и 2018 година, во категорија на аеродроми под два милиона патници на годишно ниво.

Откако ја заврши 2019 година со 2,7 милиони патници на двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со пораст од 14% на годишно ниво, ТАВ Македонија забележа 15% пораст во бројот на патници во првите два месеца од 2020 година, сè до почетокот на кризата предизвикана од КОВИД-19 во март 2020 кога двата аеродрома со одлука од Владата беа затворени во период од 3,5 месеци. По повторното отворање во јули 2020 година, патничкиот сообраќај на двата аеродрома во Охрид и Скопје полека се опоравува. За периодот јануари – август, патничкиот сообраќај е намален за 68%, споредено со истиот период во 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2020 11:49