Во завршна фаза е изработката на ребалансот на Буџетот, а на почетокот на наредната недела се очекува да биде изгласан на Влада, најави денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи по посетата на штипската компанија „Актива“.

Прашан дали ребалансот ќе ја опфати и исплата на субвенциите за сточарите кои денеска имаа предупредувачки протест во Битола, Битиќи одговори дека во моментов не е загрозена исплатата на субвенциите кон сточарите, лозарите и кон другите земјоделски гранки.

-Ги повикувам да дојдат да разговараме во мојот кабинет. Нема потреба да креираме ситуации на паника зашто нема информации дека има загрозена исплата, рече Битиќи.

На новинарско прашање дали компаниите од источниот регион ќе добијат поголема помош како најпогодени, бидејќи повеќето се од текстиланта и кожарската индустрија, Битиќи истакна дека сите граѓани и компании имаат право на поддршка од страна на државата.

-Секое загрозено работно место ќе се обидеме да го задржиме соодветно. Знаете дека ние направивме видно изменет модел на субвенционирање на тие што се повеќе оштетени. Ќе ги видиме податоците за текстилната, кожарската индустрија, туризмот, угостителството и другите мали гранки и ако навистина се попогодени, секако ќе добијат поголема поддршка, напомена вицепремиерот.

Тој оцени дека и во време на криза од страна на домашните компании има инвестиции и развој.

-Ние во финансиксиот повик за поддршка на конкуретноста, каде што рековме дека ќе поддржиме 25 оттсо од инвестициите што компаниите ќе ги почнат во период на криза, добивме 777 пријави од компании кои во период на криза почнуваат со инвестиции. Ќе ги поддржиме и најверојатно за 10 дена ќе заврши периодот на селекција. Комисијата работи секој ден и ќе дадеме 20 милиони евра, како поддршка на овие компании, информира Битиќи.

Посочи и дека овие домашни компании оваа и следната година ќе направат инвестиции преку 100 милиони евра.

Странските компании, дополни, во моментов сакаат само сигурна Влада, политичка стабилност и не калкулираат дали треба или не да инвестираат.

-Секако годинава е послаба за разлика од претходните, но според информациите што ги имам, следната година и наредните години од нашиот мандат ќе бидат навистина интересни за тоа што ќе го направиме околу странските инвестиции, рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека според сите податоци и во делот на справувањето со пандемијата од економски и од аспект на странските инвестиции, земјава се наоѓа во горниот дел од списокот меѓу земјите од Балканот и регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2020 16:03