Еден од приоритетите за финансирање преку четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка е Интегрираниот информациски систем за управување со финансии – ИФМИС, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата со директорката на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер.

Овој систем, како што соопшти Министерството за финансии, ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивно планирање до целосна реализација, со што ќе се подобри и буџетирањето и реализацијата.

Бесими истакна дека системот е дел од новиот Закон за буџети, којшто од неделава е поставен на ЕНЕР за јавна дискусија. Новиот концепт на функционирање кој се предвидува со оваа реформа ќе донесе подолгорочно планирање, зајакнување на програмското планирање, следење на реализација на проектите и согласно тоа понатамошна распределба на средства. Со воведувањето на овој концепт ќе се решат повеќе прашања, вклучително и планирањето и реализацијата на капиталните инвестиции.

Министерот посочи дека имплементирањето на овие реформи, односно на концептот СМАРТ финансии – систем кој е стратегиски и кој мери резултати, е од исклучително значење за реализацијата на поставените развојни цели. Тој посочи дека ако изминатите 10 години просечната стапка на економски раст во земјава изнесувала 2,6 отсто, таргет на Владата по надминување на ковид-кризата се стапки на раст од четири проценти и повеќе.

Покрај нов реформиран систем на јавни финансии, кон ваквиот развој би придонеле и реформите во насока на поголема конкурентност, инвестициите во човечки капитал, дигитализацијата, ориентираноста кон зелена економија, борбата против сивата економија и други структурни реформи кои би го зајакнале системот.

На средбата беше разгледана и реализацијата на четиригодишната стратегија, односно Рамката на соработка 2019-2023 со Светска банка. Проектите во четиригодишната стратегија се фокусираат на три области: извозно-ориентиран раст инклузивен раст и одржлив раст. Досега во рамки на стратегијата, Светска банка ги има одобрено следните проекти: Проектот за модернизација на социјалната администрација, Проектот за локални патишта, Проектот за модернизација во земјоделството, Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Проектот за олеснување на трговијата и транспорот во Западен Балкан и Проектот за итни реакции за справување со Ковид кризата.

Во текот на следната недела на Собрание ќе се разгледува Предлог-законот за Проектот за итни реакции за справување со Ковид-19. Станува збор за заем од 90 милиони евра со кој ќе се опфати здравствениот сектор, ќе се обезбеди привремена поддршка за социјална помош и привремена поддршка за надоместок во случај на невработеност.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2020 14:29