Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК) по вчерашното донесување на најновите владини мерки.

НУК смета дека новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје.

-Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели. Но, што ако КОВИД-бројките и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да се признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот, наведува претседателот на Комората, Здравко Јосифовски во дописот до медиумите.

Според него, повторно, без никаква дебата или консултација со угостителите, естрадните уметници или коморите и здруженијата, д-р Караџовски, злоупотребувајќи ја Комисијата за заразни болести, самоволно, само поради десетина неодговорни угостители и угостителски објекти, одлучи да казни 6.500 угостители со 35.000 вработени.

-Наместо да изработат и предложат или да ги прифатат нашите предлози за унифицирани препораки на целокупната угостителска индустрија, Комисијата со нови парцијални промени на протоколи за работа само ќе го докомплицира работењето на угостителите и естрадните уметници и ќе предизвика непотребни протести и угостителска криза со Владата. Многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести, да излезе во пресрет на барањата на директорот Стојко Пауновски да се зголемат ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на Државниот пазарен инспекторат. Таквото решение и нова ригорозна казнена политика за непочитување на протоколите ќе овозможи инспекторите од ДПИ веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат, истакнува Јосифовски.

Тој прашува и дали се само угостителите одговорни и криви за т.н. големи настани.

-Ниту еден угостител или угостителски локал самостојно од продадени карти и пијалоци со овие протоколи за работа не може да ги покрие трошоците на гостување на познати естрадни пејачи и DJ од соседството. Дали друштвата кои спонзорираат пејачи како Владо Георгиев – ТИКВЕШ, САМАНТА, ПЕЛИСТЕРКА, RED BULL, TESORO, BWI – Best Way Investment кои себе си се сметаат за општествено одговорни фирми од една страна не треба да сносат подеднаква кривична одговорност со угостителите аа поттикнување и заедничко здружување за допринесување во организација за ширење на заразни болести? Да не се залажуваме дека новите донесени промени во протоколите за работа на угостителски објекти нешто ќе променат кај оние за кои истите не постојат. Нема, зашто поголемиот дел од пријавите и записниците ќе немаат судска завршница, дециден е претседателот на НУК.

Јосифовски предупредува и дека новите промени во протоколите ќе ги потикнат најзагрозените естрадни уметници и угостители да тргнат заедно во борба за своите права и слобода на работа, што ќе предизвика континуирана граѓанска непослушност и протести со кои ќе се срушат сите изградени мостови на комуникација и можност за надминување и решавање на проблемите по пат на дискусии и дебати.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2020 10:54