Ковид кризата е од неекономска природа и сите економии во светот вбризгуваат средства во стопанството, го прошируваат дефицитот така што преку мерки ги поттикнуваат и понудата и побарувачката за да ја зголемат економската активност и надминат кризата. Од друга страна, приходите, како резултат на намалување на домашната потрошувачка и нарушувањето на глобалните синџири поради ковид-кризата, секаде имаат помала реализација, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на Топ Тема.
-Неколку пати имаше интервенции со мерки за справување со кризата, за поддршка на економијата и надминување на последиците од кризата, како и поддршка на граѓаните. Тоа се случи и со вториот ребаланс. Значи има зголемување на расходната страна со цел да го поддржи четвртиот пакет на мерки. Дефицитот кореспондира со најголемата економска криза која се случува на нашата економија – повисок пад од 12,7% на квартално ниво немало во нашата економија и -6,5% пад во првото полугодие. Но тоа не е само кај нас. Тоа го имате на ниво на светската економија и на Европската унија. Тоа е глобален проблем, глобална криза. Со вториот ребаланс – да проширен е буџетскиот дефицит, но средствата се насочуваат кон четвртиот пакет мерки кој е во насока на помош на граѓаните и стопанството за надминување на кризата – вели Бесими.
Скоро сите економии во текот на годината го проширија буџетскиот дефицит, додека просекот на Еврозоната е 8,4%. Следниот период со стабилизирање на состојбата и прудентно менаџирање, буџтескиот дефицит ќе се консолидира.
Со ребалансот на буџетот се обезбедија средства за четвртиот сет мерки. Преку посебната владина Потпрограма П1- МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО COVID-19 КРИЗАТА за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор се предвидени 70 милиони евра, за домашна платежна картичка за ранливи категории од COVID-19 27 милиони евра, за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња 6,7 милиони евра, за поддршка на дејноста Туристички водич 160.000 евра, за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања 2 милиони евра, за македонски викенд шопинг со МојДДВ 17 милиони евра, за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка 13 милиони евра и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби 5,5 милиони евра – вели министерот за финансии.