Мерката МојДДВ не е селективна, таа важи за сите граѓани бидејќи сите имаат можност да отворат лозинка и слободно да се регистрираат на апликацијата. Во моментов оваа апликација ја користат 330 илјади граѓани, а очекуваме до 10 октомври да се зголеми на 400 илјади, посочи денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Министерот ги повика сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот во деновите кога треба да се користи оваа мерка, и додаде дека Комисијата за заразни болести веќе ги има дефинирано протоколите како треба да работат сите бизниси во државата.

-Нема да биде селективна мерката бидејќи сите граѓани на државата имаат можност да отворат лозинка или да се регистрираат во склоп на програмата МојДДВ. Нашите очекувања се дека до 10 октомври бројката ќе се зголеми на 400 илјади граѓани што би ја користеле, јас сакам да ги повикам сите граѓани да ги почитуваат мерките во деновите кога треба да се користи мерката викенд без ДДВ имајќи во предвид дека сме во пандемија и секако дека комисијата за заразни болести веќе ги има дефинирано протоколите како треба да работат сите бизниси во државата, рече Бектеши на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

Бектеши посочи дека секој граѓанин согласно условите кои веќе се презентирани ќе има можност до 30 илјади денари да купува, а Владата ќе им врати ДДВ во зависност од тоа колку ќе биде висината на ДДВ, односно на продуктите што граѓаните ќе ги купуваат во тие три дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2020 22:41